Триесет и две младински екипи со фудбалери родени во 2002, 2003, 2004 и 2005 година од седум држави ќе учествуваат на Меѓународниот младински фудбалски куп „Пандев 2018“, кој почна денеска и ќе трае до 4 август.

Генерален покровител е нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев, а натпреварите ќе се играат на терените на Фудбалската федерација на Македонија и во Ѓорче Петров во Скопје, како и во Струмица.

Купот „Пандев 2018“ вечерва на плоштадот „Делфина“ во скопската општина Карпош го отвори премиерот Зоран Заев, кој во обраќањето истакна дека лично тој и Владата, заедно со Агенцијата за млади и спорт, секогаш ги поддржуваат младите таленти и создаваат услови младите да се развиваат за да ги достигнат височините на Горан Пандев.

Заев соопшти дека стратешка цел е да се зголемуваат средствата за спорт и Владата да го гарантира неговиот развој.

- Во завршна фаза е новиот систем за финансирање на спортските федерации и клубови, кој значително ќе го помогне подигањето на квалитетот на работењето на спортските клубови, а со тоа да дојдат до израз и талентите на младите спортисти. Очекувам новиот пристап во поддршката на спортот и, конкретно, поорганизираното работење во фудбалот, да дадат резултати во клупските натпревари, како и во квалификациите за европските и светските првенства на нашата фудбалска реперезентација, потенцираше претседателот на Владата.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски поздравувајќи ги учесниците на Купот, рече дека АМС дава посебен акцент на спортистите од младинските категории кои, како што рече, би требало да бидат следните ѕвезди од рангот на Пандев, Панчев, Најдоски...

- Сигурен сум дека младинските тимови од целиот регион вложуваат исклучителни напори за развој на фудбалот, неговиот професионализам, одговорност, пожртвувавност, истакна Каевски на оворањето на Купот, на кое присуствуваше и министерот за дијаспора Едмонд Адеми.

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев ги поздрави гостите, а на учесниците на Купот „Пандев 2018“ им посака многу успех.

Од името на организаторот, учесниците и гостите ги поздрави координаторот на „Академија Пандев“ Мирослав Тренчовски, а од името на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) - генералниот секретар Филип Поповски.

Помагатели на Купот се ФФМ, Агенцијата за млади спорт, Град Скопје, Општина Струмица, Државниот студентски дом-Скопје и неколку компании.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2018 22:13