Тренерот на Тотенхем, Маурисио Покетино, изјави дека не знае дали клубот ќе донесе некој играч како засилување пред крајот на преодниот рок до деветти август.
Досега Тотенхем не доведе ниту еден нов играч, а аргентинскиот фудбалски стручњак на крајот од минатата сезона истакна дека клубот мора да преземе ризик ако сака да напредува.
- Не можам да соопштам дали ќе доведеме некого или не. Работиме на тоа, но ништо конкретно не можам да кажам, истакна Покетино.
Во изминатите четири сезони под раководство на аргентинскиот стручњак Тотенхем беше петти, третти, втори и повторно третти на табелата во Премиер лигата. Во мај годинава Покетино потпиша нов петгодишен договор.
Оваа сезона преодниот рок завршува на деветти август, додека во останатите големи европски лиги трае до 31 август.
- Ако се споредиме со останатите во Европа, мислам дека тие имааат голема предност во однос на нас. Не знам дали останатите клубови се задоволни со ваквата одлука, но јас лично не сум, истакна Покетино.
Тотенхем првиот натпревар сезонава во Премиер лигата го игра на гости со Њукасл на 11-ти август.