Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо повторно упати вербален напад, а овојпат неговите цели беа Фудбалската асоцијација на Англија и Премиер лигата. По победата од 2:1 над Реал Мадрид во Интернационалниот куп на шампионите, Специјалниот објави дека во Шпанија многу подобро ги разбираат потребите на фудбалерите, отколку на Островот, каде сезоната започнува далеку порано во споредба со Ла Лига. - Фудбалерите на Реал имаат повеќе време од нас да се подготват за стартот на сезоната, бидејќи во Ла Лига ги разбираат подобро од Премиер лигата потребите на играчите. Затоа почнуваат малку подоцна. Ова ќе им овозможи на тренерите, клубовите и играчите да се подготват подобро од нас, изјави тој по мечот. Португалскиот тренер оддаде малку значење на успехот над „кралевите“, бидејќи забележа дека ниту неговиот тим, ниту противникот биле во оптимален состав. - Мислам дека тоа не беше Реал Мадрид на ист начин како што ние не сме Манчестер Јунајтед. Ситуацијата е иста - собрани играчи од различни групи. Некои беа од нивниот прв тим, други се вратија од заем, тројца беа од Реал Мадрид Кастиља, а четврти дојде од третиот тим. Се разбира, тие се добри играчи, но тоа не е Реал Мадрид. Затоа резултатот не значи ништо за нив, рече 55-годишниот Мурињо.