Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант денеска изјави дека неговата земја е загрижена од опасноста да не се постигне договор за Брегзит пред напуштањето на Европската унија на 29 март следната година.

- Ние сме вознемирени од тоа како стојат работите и од тоа што не можеме да постигнеме договор. Оваа состојба може да има многу силно влијание на односите меѓу Британија и државите членки на Европската унија, и тоа за идните генерации, изјави Хант по средбата со австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл во Виена.

Тој нагласи дека таквата состојба не е во интерес на никого.

- Сакаме ЕУ да просперира, но постои опасност од наш проблематичен развод со ЕУ, што би било огромна геостратегиска грешка, потенцира шефор на британската дипломатија.

Хант е на својата прва турнеја откако ја презема функцијата министер за надворешни работи од Борис Џонсон, при што ги посети Франција и Кина, по што допатува во земјата претседавач со ЕУ - Австрија.

Според Хант, Велика Британија сака партнерски односи со ЕУ и го отфрли прашањето дали Лондон се обидува да го избегне главниот европски преговарач Мишел Барние и се обидува да контактира директно со владите на членките на ЕУ.

Сепак, крајната одлука на Европската комисија ја носат државите членки, посочи Хант.

Тој потенцира дека рокот до британското напуштање на ЕУ е многу кус, но дека шансите за одлагање на Брегзитот и можноста Велика Британија да го презакаже датумот за напуштање на Унијата се многу мали.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2018 13:58