Напаѓачот Гонзало Игуаин пристигна во Милано за да го финализира трансферот во Милан од Јувентус.

Триесет-годишниот Аргентинец беше пречекан од десетици новинари и стотици навивачи на аеродромот.

- Се чувствувам одлично. Ќе ги поминам медицинските прегледи и се надевам дека ќе потпишам договор. Сакам да ги поздравам навивачите на Милан и да се заблагодарам на оние на Јувентус за поддршката што ми ја покажаа во последните две години, во кои бевме една целина. Се надевам дека Милан ќе стигне далеку во новата сезона, рече „Ел Пипита“ на аеродромот.

Тој ќе игра како позајмен во Милан како дел од мегазделката во Серија „А“, која го врати Леонардо Бонучи во Јувентус и ги испрати него и Матија Калдара во Милан.

Игуаин премина во Јувентус од Наполи летото 2016 година. За две сезони во Торино, Аргентинецот одигра 105 натпревари и постигна 55 гола.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/08/2018 17:28