Фудбалерот на Баерн Минхен, Томас Милер, коментирајќи ја одлуката на неговиот соиграч од репрезентацијата Месут Озил, кој неодамна се повлече од германскиот национален тим, наведе дека овој негов чекор нема никаква врска со расизмот, бидејќи според него такво нешто не постои во репрезентацијата.

- Целата ситуација беше вжештена однадвор. Секако, и самите актери имаа удел во тоа, но медиумите го кренаа на повисоко ниво. Фудбалската федерацијата се обиде да ја смири ситуацијата, но медиумите упорно ја подгреваа атмосферата. За нас играчите тоа не беше ништо посебно, но моравме да се соочиме и се уште се соочуваме со него. Би сакал конечно да ја завршиме дебатата и да се концентрираме на фудбалот, бидејќи расизам во националниот тим никогаш не постоел, истакна Милер.

Расправата во германската јавност беше покрената поради средбите на германските репрезентативци со турско потекло Месут Озил и Илкај Гундоган со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во текот на изборната кампања. Тоа предизика жестока дебата и бројни критики беа упатени на адреса на двајцата фудбалери, а потоа Озил одлучи да се повлече од германската репрезентација со образложение дека тоа го прави поради расистичката атмосфера.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/08/2018 16:22