Трансферот на белгискиот голман Тибо Куртоа е пред финализирање, а се може да заврши во наредните неколку часа, кога голманот официјално ќе стане нов член на Реал Мадрид, објавија шпанските медиуми. На крајот одлучувачки се покажал човечкиот фактор. Тибо сака да живее во Шпанија, каде што се неговата сопруга и двете деца, па така практично раководството на тимот од Лондон е принудено да му даде зелено светло. Од друга страна, ниту Челзи нема многу време за размислување. Трансфер пазарот завршува на 9 август на полноќ, па клубот од главниот град на Англија има само два дена да најде соодветно решение. Ќе биде интересно да се види каква ќе биде иднината на Кејлор Навас, односно дали ќе се согласи да биде замена за Куртоа или ќе си ја побара среќата на друго место. Во тој случај, талентираниот Андреј Лунин (Украина) ќе стане резервна опција на голот на „Кралскиот клуб“. Договорот на Куртоа со „сините“ истекува следното лето, така што ова е практично последната шанса за Челзи да добие пристојна сума од неговата продажба. Белгиецот е член на Челзи уште од 2011 година, кога тимот плати на Генк 8,95 милиони евра, а потоа го испрати на тригодишен заем во Атлетико Мадрид. На „Стемфорд Бриџ“ стана прв голман во сезоната 2014/2015, и заклучно со минатата сезона, одигра 154 меча во дресот на лондонскиот клуб.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2018 19:13