Апелациската комисија на Италијанската фудбалска федерација ја поништи казната на повратникот во елитата Парма за одземање 5 поени за новата сезона. Санкцијата на напаѓачот Емануеле Калајо од две години забрана беше сведена на четири месеци. Тој, исто така, ќе мора да плати казна од 30.000 евра. По враќањето во Серија „А“ тимот беше обвинет за обид за местење на натпреварот од последното коло на минатата сезона во Серија „Б“ против Специја. На Парма и беше потребен успех за да обезбеди директна промоција и победи со 2:0 при гостувањето. Обвинителството го истражуваше натпреварот поради СМС-и во телефонот на 36-годишниот напаѓач на тимот, Емануеле Калајо. Со пораки, тој ги повикува играчите на Специја да не даваат се од себе на теренот. Калајо призна за пораките, но ги дефинираше како шега.