Косовската Влада ги оцени како „луди“ некои од идеите предложени од Работната група за изготвување на Статутот на Заедницата на општини со мнозинско српско население, содржани во записниците што групата ги доставила до владиниот Кабинет, јави дописникот на МИА од Приштина.
Шефот на тимот кој го претставува Косово во техничкиот дијалог со Србија, Авни Арифи за весникот „Коха Диторе“ изјави дека предлозите на Работната група, составена од четворица експерти, претставници на косовските Срби, нема да се вградат во идниот Статут на Заедницата.
Според записниците од работата на Групата во јуни и јули годинава, српските претставници бараат во Статутот да се вградат надлежности врз имотот, во приватизацијата и економијата, а формулирани се и одредби со кои се гарантира образование во рамките на српскиот образовен систем.
Меѓу другото, пишува „Коха Диторе“, побарани се и уставни измени за да се обезбедат големи извршни надлежности на Заедницата на српски општини.
Освен тоа, во целиот текст се користи терминот „Косово и Метохија“, како што Косово се нарекува во српскиот Устав, а кој е неприфатлив за Албанците.
Ваквите понудени решенија, според Арифи, се неприфатливи за Владата на Косово.