Претседателот на Русија, Владимир Путин изјави дека НАТО ја придвижува својата воена инфраструктура поблиску до руските граници, поради што Москва како одговор на тоа треба да ја зајакне сопствената инфраструктура.

Путин, на заедничката прес-конференција со претседателот на Финска, Саули Нинисто во Сочи, истакна дека се зголемува и бројот на техника на Алијансата, бројот на војници, како и дека е забележан пораст на воени вежби во близина на границите на Русија.

- Се разбира дека следиме што станува таму за да ја зајакнеме сопствената инфраструктура. Треба да реагираме на тоа, што се случува во близина на нашата граница, во непосредна близина се појавуваат елементи на противракетна одбрана. Таквите системи за противракетна одбрана можат да се употребат и за лансирање на ракети со среден дострел, посочи Путин.

Тој наведе и дека Москва е подготвена да разговара со Северноатлантската алијанса за полетите на воената авијација.

- Но, НАТО одбива да разговара со Русија за утврдување на правилата за воени летови. Сметам дека тоа е неконструктивен став, истакна Путин.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/08/2018 17:32