Кина почна со изградба на својата прва воена база за обука во провинцијата Бадахшан во североисточен Авганистан, во рамки на зголемената соработка со Кабул во борбата против тероризмот, тврди весникот „Саут Чајна морнинг пост“.
„Изградбата на базата почна. Кина ќе пренесе таму најмалку еден баталјон со оружје и опрема за обука на авганистанските колеги", наведува весникот повикувајќи се на свој извор.
Базата ќе биде распоредена во Ваханскиот коридор, кој претставува насип во планините кои граничат со три земји: Таџикистан на север, Пакистан на југ и Ксинџијанг-ујгурски автономен регион на Кина на исток. Во претежно муслиманскиот Ксинџианг постојат сепаратистички групи поврзани со меѓународните терористички и исламистички нелегални активности.
Како што пишува весникот, тоа ќе биде првото воено присуство на Кина на територијата на соседниот Авганистан. Минатата година, Пекинг ја распореди својата прва воено-логистичка база во странство, во Џибути на источниот брег на Африка. Но, досега, основата на тој контингент се инженери и градеќници ангажирани во инфраструктурата. Базата во Авганистан мора да одигра многу поинаква стратешка улога поради неговата близина до Ксинџијанг, каде што во последниве години имаше напади од исламски терористи, наведува весникот.
Кинеското Министерство за одбрана досега официјално не ги потврди плановите за формирање кинеска база во Авганистан.