Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо категорично ја отфрли можноста да се обиде да го врати Златан Ибрахимовиќ на „Олд Трафорд“ во јануари. Такви гласини се појавија минатата недела откако „црвените ѓаволи“ очигледно имаат потешкотии во нападот.
Од почетокот на сезоната Ромелу Лукаку, Антони Марсијал, Маркус Рашфорд и Алексис Санчез имаат вкупно 10 гола. Белгискиот централен напаѓач не постигнал гол во последните осум натпревари. Сепак, Мурињо тврди дека не ја изгубил довербата во него.
– Ибрахимовиќ? Не, не. Тоа не е можно. Ќе дојде денот и натпреварот во кој Лукаку повторно ќе бележи и ќе ја врати својата самодоверба во нормалните граници. Секогаш сум верувал во тоа. Немаше начин како да му дадам одмор против Јувентус. Не мислам дека Керик може да игра како напаѓач. Затоа против Јувентус игравме со фудбалерите со кои располагавме. Ако решев да му дадам одмор на Лукаку и да го ставам Рашфорд на врвот на нападот, тогаш кој требаше да игра како крило? Не се наоѓаме во најдобриот момент, за да му давам одмор на некому, рече Мурињо.
Португалецот додаде дека Џеси Линггард има шанса да игра во недела, но тоа конечно ќе се знае до утре. Истото важи и за Скот Мектомини. Алексис Санчез, Маруан Фелани и Диого Далот, исто така, ќе го пропуштат натпреварот со Евертон, бидејќи се уште се со повреди.
– Овој момент е тежок за Алексис, бидејќи тој е повреден. Тој влезе во натпреварот со Челзи, бидејќи се обиде да ни помогне, но неговата физичка состојба не беше добра. Не можеше да игра против Јувентус, нема да биде достапен и за следниот натпревар. Сега целта е да ја постигне најдобрата физичка состојба. Тој имаше одлична подготовка, а потоа започна многу добро против Лестер. Потоа се повреди, па се врати, но потоа повторно се повреди. Сето ова му пречи, бидејќи тој е таков тип на играч кој има потреба од целата своја острина, за да го покаже најдоброто од себе, додаде Мурињо