Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино изјави во Кигали, дека ќе бара најширока можна поддршка за предложените од него два нови турнири, бидејќи негова должност е да се брани „релевантноста на фудбалот“.
Во главниот град на Руанда се одржува традиционалната средба на Советот на ФИФА.
Швајцарецот планира создавање на мини светско првенство со учество на осум тима што ќе се одржува на секои две години и да го замени сегашниот Куп на Конфедерации кој се одржува во годината пред Светското првенство, а исто така да го зголеми бројот на учеснички тимови на Светското клубско првенство од седум на 24.
Според Инфантино веќе има големи компании кои изразиле желба да инвестираат во двата турнирот, а најголем удел би требало да даде јапонската „СофтБанк“. Предлогот на Инфантино сепак не е пречекан позитивно од сите, најмногу од европските федерации. Од УЕФА се изјаснија категорично против него, бидејќи гледаат закана за постоењето на Лигата на шампионите.