Група хакери ја нападнаа официјалната веб-страна на ФИФА, објавија од седиштето на светската фудбалска централа. Не е објавено од каде доаѓа нападот, но постојат стравувања дека хакерите добиле многу важни информации.
– Ние го осудуваме секој обид за компромитирање на доверливоста, интегритетот и достапноста на податоците. Ние сме загрижени од фактот дека некои многу важни информации може се добиени преку незаконски начин, се вели во соопштението на ФИФА.
Министерството за правда и ФБИ претходно во текот на месецот порачаа дека Русија е одговорна за нападот на сајтот на ФИФА во 2016 година што доведе до тоа резултатите од истрагата на индивидуални допинг тестови, да станат достапни за јавноста.
Новиот напад се случи во март 2018 година, по што ФИФА презеде голем број нови мерки во полето на ИТ заштитата за сите вработени во организацијата.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино неодамна се огласи по тој повод.
– Мојата работа вклучува доверливи разговори и разни важни документи, идеи кои се архивирани за многу прашања. Ако едноставно се заклучам во соба, не разговарам со никого, се прашувам, како можам да си ја вршам работата на вистински начин? Не можам повеќе од тоа, отколку да ја вршам мојата работа искрено и професионално и на тој начин да ги заштитам интересите на фудбалот, рече Инфантино.