Поранешниот англиски репрезентативец Ешли Кол сè уште нема намера да престане да играфудбал, иако за помалку од еден месец ќе наполни 38 години. Тој ја напушта МЛС лигата, каде настапуваше во тимот на Лос Анџелес Галакси и е на чекор да се врати во својата татковина.
Според весникот „Мирор“, постојат понуди од два клуба од Чемпионшип дивизијата и многу веројатно е да прифати еден од нив. Интерес пројавуваат Астон Вила, каде помошник-тренер е неговиот поранешен соиграч во Челзи, Џон Тери, како и Дерби Каунти, кој е воден од друга легенда на тимот од Лондон – Франк Лампард.
Иако е во завршната фаза од кариерата, левиот бек покажа дека сè уште е конкурентен, откако минатата година беше избран за најдобар фудбалер од навивачите на Лос Анџелес Галакси. Покрај тоа, неговите финансиски побарувања веќе не се толку високи.
Во САД земаше 11.000 фунти неделно, но Галакси му понуди да остане за следната кампања за половина од парите. Затоа тој одби. Се очекува во Англија да добива околу 10.000 фунти неделно, а тоа ќе биде негова последна сезона меѓу професионалците.