Менаџерот на Челзи, Маурицио Сари призна дека тренерот на Фулам, Клаудио Раниери, е еден од луѓето кои го инспирирале за да се зафати со тренерската професија.

Двата тима ќе се соочат викендов во лондонското дерби и иако „сините“ се апсолутни фаворити за трите бода, сепак не треба да се заборави фактот дека Раниери може да направи чуда, откако токму тој пред неколку години го доведе Лестер до сензационалниот триумф во Премиер Лигата.

– Пријател е многу голем збор, но многу ми се допаѓа Клаудио. Пред 20 години го посетив во Фиренца. Мислам дека тој не се сеќава за оваа средба, но таа беше многу важна за мене, објави Сари на прес-конференцијата пред натпреварот.

Поранешниот тренер на Наполи раскажа и за нивната средба пред еден месец во базата на Челзи.

– Пред околу 40 дена тој дојде на наш тренинг. Зборуваше како со мене, така и со Џанфранко Ѕола. Дали Раниери е инспирација за мене? Да, се разбира. Мислам дека неговите тимови се исклучително добри во дефанзивен план и многу опасни на контра, Лестер беше таков тим, додека тој беше нивни менаџер, додаде Сари.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2018 18:19