Дефанзивецот на ПСЖ, Даниел Алвеш ја прокоментира одлуката за преместувањето на реваншот од финалето во Копа Либертадорес помеѓу Ривер Плата и Бока Јуниорс во Европа, изјавувајќи дека ова е најголемиот срам на кој бил сведок.

Мечот треба да се одигра на 9 декември на „Сантијаго Бернабеу“ во шпанскиот главен град Мадрид. Со оваа одлука Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) го казни тимот на Ривер Плата за вандализмот на неговите навивачи, кои го нападнаа автобусот со фудбалерите на Бока Јуниорс, што доведе до одлагање на натпреварот на „Монументал“ на крајот на минатата недела.

– За мене, Ривер – Бока надвор од Јужна Америка е најголемиот срам што сум го видел. Навистина сум засегнат како фудбалер, како Латиноамериканец, како човек кој смета дека овој спорт треба да се доживува со чувства, со страст и најчесто со почит. Што да кажеме за сите оние луѓе кои немаат никаква вина за тоа што се случило? Тие треба да плаќаат заради некакви простаци и силеџии. Тие имаа уникатна шанса да ги гледаат Ривер – Бока, но сега треба да одат во Европа, порача Алвеш во видео порака објавена на социјалните мрежи.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2018 01:05