Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп беше обвинет од Фудбалската асоцијација на Англија за непристојно однесување при вчерашната драматична победа со 1:0 над Евертон. По се изгледа дека германскиот тренер ќе добие санкција за влегување на теренот, секунди по победоносниот гол на Дивок Ориги.

Белгискиот напаѓач на „црвените“ реализираше во шестата минута од дополнителното време по редовните 90, а тоа предизвика силни емоции кај харизматичниот Германец. Тој се упати кон центарот на теренот, каде го прегрна голманот Алисон Бекер, а потоа се врати назад кон клупата. Тој објасни дека му се извинил на својот колега од Евертон, Марко Силва за своите активности со кои не сакал да пројави непочитување.

Португалскиот тренер сепак изјави дека не слушнал извинување од Клоп за својата реакција.

– Треба да се извинам, но не можев да се контролирам. Не сакав да покажам непочитување, но едноставно не можев да запрам. Мојот план не беше да истрчам дотаму. Кога решив да сопрам, бев близу до Алисон. Тој беше многу изненаден, рече Клоп на прес-конференцијата по дуелот.

Многу од аналитичарите на Островот не беа фасцинирани од активностите на Клоп, откако Дани Милс изрази мислење дека ако фан направи такво нешто, тогаш тој ќе биде уапсен.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2018 18:14