Раководството на Милан направило понуда во вредност од осум милиони евра за полудефанзивецот на Челзи, Францеск Фабрегас, со цел да го купи уште во јануари.

Во последните денови, агентите на 30-годишниот фудбалер напорно преговараат со „росонерите“. Италијанците првично планираа да го привлечат ветеранот без пари, бидејќи неговиот договор со Челзи истекува следното лето. Долгорочните повреди на Џакомо Бонавентура и Лукас Билија ги променија намерите на Италијанците и тие имаат интерес зделката да се случи уште по Нова година.

Во оваа фаза, Фабрегас изгледа периферна фигура за „сините“ од Лондон, иако од Островот стигнуваат вести дека менаџерот Маурицио Сари сака да располага со Фабрегас како опција на вообичаените носители – Н’Голо Канта, Жоржињо и Матео Ковачиќ.

Проблемот за Шпанецот е дека Челзи е подготвен да му понуди само краткорочен договор – за уште една сезона. Милан од друга страна веќе упати понуда за договор со времетраење од 2,5 години.

Сега останува да се види дали Челзи ќе биде задоволен со осум милиони евра, а во оваа фаза прогнозите се дека Англичаните ќе сакаат повеќе пари. Нивните побарувања може да бидат близу 12 милиони евра. Тогаш потенцијален адут за Милан би бил склучување на прелиминарен договор со Фабрегас, што би значело дека тој ќе остане до летото, но разделбата со него нема да донесе никаков финансиски приход за Челзи.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2018 18:23