На новиот менаџер на Саутемптон, Ралф Хазенхитл, не му се допаѓаат споредбите со менаџерот на Ливерпул, Јерген Клоп, нагласувајќи дека негова желба е името да му остане запишано во историјата на Премиер лигата.

Поранешниот шеф на РБ Лајпциг зборуваше пред медиумите дека не се плаши да ги преземе „светците“ среде сезона, а вчера во живо го проследил и поразот од Тотенхем на „Вембли“.

– Првата цел е да ја напуштиме зоната на испаѓање, изјави Австриецот, кој учел тренерски вештини од менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.

Токму блиските односи меѓу двајцата му го донесоа прекарот „Клоп од Алпите“, но тренерот на Саутемптон сака да избега од тоа име.

– Не ми се допаѓа ако морам да бидам искрен, продолжи тој да го коментира неговиот прекар. – Отсекогаш сум бил фан на фудбалот на Јирген. Интензитетот е феноменален и исто така остави трага во Германија со оваа игра. Сигурно средбите со него влијаеле на моите размислувања, но не сум Клоп од Алпите, вели новиот тренер на „светците“.

Австриецот вели дека се соочува со голем предизвик, но тоа е логичен чекор напред за него.

– Сакам луѓето да ме запаметат за време на мојот престој во Англија. Кога заминав од Лајпциг, мислев дека е време за нешто ново. Мислев дека би било добро да преземам нов тим, да зборувам нов јазик и да се развивам лично. Затоа доаѓам во Саутемптон, изјави тренерот.

Тој потврди дека немал контакт со Арсенал летото, откако Арсен Венгер го напуштил своето место на „Емирати“.

– Отсекогаш сум се надевал дека ќе предводам еден од првите пет тима на Англија, но не мислам дека моето име го дозволува сега тоа, смета Хазенхитл, кој објасни и дека неговото презиме во буквален превод значи „мал зајак“.

Тој потпиша договор за две и пол години со „светците“, откако Саутемптон смени тројца менаџери во последните 18 месеци.

– Гледајќи ја табелата, можеби мислам дека ова е чекор назад во мојата кариера. Минатата година водев фантастичен тим кој играше во ЛШ на многу високо техничко ниво. Ова не е најлесниот потфат, но никогаш не сакав лесни работи во мојот живот. Јас секогаш поставував цели кои тешко се остваруваат, заклучи Хазенхитл.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2018 20:16