Тренерот на Бока Јуниорс, Гилермо Скелото изрази разочарување од фактот дека финалето за Копа Либертадорес ќе се игра во Европа.
– „Бернабеу“ е одличен, но финалето и припаѓа на Јужна Америка. Како Аргентинец ме боли што ова финале ја напушти Аргентина. Но, она што се случи пред 15 дена не може да се толерира, изјави Скелото на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека жално е што треба да се зборува повеќе за безбедност, отколку за спортско-техничките прашања.
Финалната реванш средба од Копа Либертадорес требаше да се одржи на „Монументал“ на 24 ноември (сабота), но беше одложена двапати, поради напад на навивачите на Ривер по автобусот на Бока, полн со играчи на тимот. Неколку дена подоцна од КОНМЕБОЛ и ФИФА одлучија средбата да се одржи во Мадрид на 9 декември (недела).
Иако желбата на Бока трофејот да им биде службено доделен, раководните органи на фудбалот во Латинска Америка посакаа спорот да се реши на „зелениот тепих“.
Двата гиганта од Буенос Аирес добија по 5.000 билети за навивачите, кои ќе ги пуштат во продажба во Аргентина. Се очекува околу 4.000 полицајци да сбидат ангажирани за безбедноста околу стадионот.