Фудбалската федерација на Македонија претставувана од в.д. претседателот Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски, од денеска до 13 декември учествува на самит на ФИФА во Доха, Катар.

Раководството на ФФМ заедно со останатите членови на делегациите присутни во Доха и членовите на Извршниот комитет на ФИФА предводена од првиот човек Џани Инфантино во следните денови ќе разговараат за низа прашања, а меѓу нив и за евентуалниот почеток на Светска лига на нации под покровителство на ФИФА, можноста за проширување на бројот на учесници на Светското клупско првенство, прашања поврзани со женскиот фудбал, како и поголема и поефикасна имплементацијата на ВАР системот.

– ФИФА постои заради промоција на фудбалската игра, да го штити нејзиниот интегритет и да им овозможува еднакви услови за натпреварување на сите. На овој самит верувам дека ќе се донесат решенија, преку конструктивни идеи и предлози, кои во иднина ќе имаат многу поголемо позитивно влијание на различни области од општеството. Клучно за нас, а веројатно и за останатите асоцијации е тоа што имаме можност да разговараме и да ги објасниме промените со кои сите се соочуваме, да даваме предлози и со своите партнери да бараме најдобри решенија, вели в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2018 12:36