По вчерашната победа над Вердер Бремен, Борусија Дортмунд станаа недостижни на врвот на табелата во Бундеслигата, откако на два круга пред паузата во првенството ја зголемија на 9 поени предноста пред Борусија Менхенгладбах.

Тоа е добар знак за клубот, бидејќи секогаш кога „жолто-црните“ биле први по есенскиот дел од сезоната, на крајот триумфирале со титулата. Така беше во сезоните 1994/95, 1995/96 и 2010/11, на крајот од кои тимот од Дортмунд ја крена сребрената „салатиера“.

Во пролетта на 1995 година, тимот на Отмар Хитцфилд финишира само на поен пред Вердер Бремен, а следната година завршува на 6 пред Баерн Минхен. На крајот од кампањата 2010/11, тимот на Јирген Клоп го остави Баер Леверкузен на 7 поени зад себе.

Во 2011/12, Дортмунд повторно стана шампион, но тогаш на крајот на полусезоната на чело на табелата беше Баерн. Во вториот дел од сезоната Борусија не само што успеа да го компензира заостанувањето од баварците, но на крајот дури и ги остави на 8 бода зад себе.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/12/2018 13:51