Во Македонска Каменица на свечена церемонија се одбележаа 50 години од формирањето на фудбалскиот клуб Саса. Во своето излагање пред присутните, актуелниот претседател на клубот, Климент Ѓорѓиевски порача дека клубот мора да го продолжи аманетот на луѓето кои пред 50 години го основаа клубот кој прерасна во бренд на Македонска Каменица. -Прв претсдател на ФК Саса бил Ангеле Вренцовски кој го формирал клубот под името фудбалски клуб Рудник, а прв секретар Тихоми Георгиевски – Тиши. Тие луѓе заедно со тогашните вработени не задолжија сите нас, да ги продолжиме напорите за опстојување и успешно функционирање на фудбалскиот клуб „Саса”. Со многу возбуда можам да кажам дека денес на прославата по повод 50 годишниот јубилеј, благодарение на денешниот менаџмент на рудници Саса и нивната поддршка, успеавме да излеземе од финансиската криза и тековната сезона да ја завршиме без финансиски долгови. Токму од менаџментот на ФК Саса имаме уверување дека напролет компанијата ќе не поддржи да излеземе и од резултатската криза. Затоа очекувајте напролет, многу голови и многу бодови на нашето конто, рече Ѓорѓиевски. Градоначалничката на Македонска Каменица истакна дека ФК Саса е неминовно сврзан и со поддршката на општината која нема да изостане и во 2019 година. -Чест ми е што сум дел од овој јубилеј на клубот кој е роден во годината кога сум родена и јас. Заедно растевме и израснавме, ние во зрели личности а ФК Саса во бренд на Македонска Каменица.Јас посакувам во годината која претстои посвтени и со заеднички сили да го вратиме сјајот на клубот од Македонска Каменица и тој повторно да биде она по што е препознатлива општината, рече Стаменкова. Понатамошно помагање на клубот најави и генералниот директор на ФК Саса, Олег Телној. -Чест ми е што сум дел од овој јубилеј на клубот кој добро знам што значи за градот и луѓето од Македонска Каменица. Како општествено одговорна компанија ние во наредната година ќе вложиме максимални напори тој и понатаму да се развива и да биде она што беше и досега, рече Телној. За својот допринос кон успешното работење на клубот, од страна на управата на ФК Саса на Стаменкова и Телној им беа доделени благодарници. Благодарници добија и поранешни фудбалски имиња кои се меѓу најзаслужните за 50 годишното постоење на клубот од Македонска Каменица. Фудбалскиот клуб Саса кој е формиран во септември 1968 година, својот најголем успех го има постигнато во натпреварувачката 1991/92 кога стана првак на Македонија во фудбал. Моментално екипата се бори за опстанок во Втората фудбалска лига на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/12/2018 13:03