Реал Мадрид синоќа на својот „Сантијаго Бернабеу“ загуби од Реал Сосиедад со 2:0 и потврди дека се наоѓа во најлошата криза во последниве неколку децении. Ова е првиот домашен пораз од тимот од Баскија по 14 години. Тогаш гостите славеа со 4:1.

„Кралскиот“ клуб ја игра својата најлоша сезона во последните дваесетина години. Европскиот шампион изгледа непрепознатлив, а промената на Хулен Лопетеги и пристигнувањето на Сантијаго Солари не донесе ништо добро.

Неверојатно звучи податокот дека ова е шестиот пораз во 18 круга за „белите“, а лани имаа ист број на изгубени натпревари во целиот шампионат. Изненадувачки е и тоа дека Реал досега постигна само 26 гола (прими 23), додека, на пример, Барселона постигна 24 гола повеќе од тимот од Мадрид.

Лионел Меси и Луис Суарез, пример, постигнаа повеќе голови во Ла Лига оваа сезона од сите играчи на Реал. Меси 16 пати ја затресе мрежата на противникот, а Суарез 12 и заедно постигнаа 28 гола.

На почетокот на сезоната, Перез и неговото опкружување тврдеа дека заминувањето на Кристијано Роналдо воопшто нема да ги погоди, нешто што денеска изгледа во најмала рака смешно. Најдобриот стрелец на Реал во моментов е Карим Бензема со седум гола и тоа е најдобриот доказ за тоа колку им недостасува Португалецот.

Прецизните статистичари по синоќешниот срам пренесоа и некои интересни податоци кои потврдуваат дека ова најлошиот Реал во 21-от век.

Ова е најлошиот почеток на „кралевите“ во една сезона во Примера во историјата. Поразот од 1:5 од Барселона во „Ел Класико“ е најлошиот од 2010 година. Поразот од 0:3 од ЦСКА во групната фаза од Лигата на Шампионите е најтешкиот пораз на Реал Мадрид во историјата на Лигата на шампионите, а прв дома од 2009 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2019 04:51