Манчестер сити го совлада нисколигашот Бартон со убедливи 9-0 во првата полуфинална пресметка во Лига Купот на Англија. „Граѓаните“ практично обезбедија пласман во финалето, бидејќи за „пиварите“ е невозможна мисија да се вратат од ваква гол-разлика против англискиот првак.

Голеадата започна во петтата минута преку Де Бројне, Габриел Жесус од 30-тата до 34-тата минута постигна два гола, а Зинченко заби за 4-0 по првиот дел. Бразилскиот напаѓач продолжи да ја тресе мрежата на гостите, во 57-та го оствари хет-трикот, а во 65-тата го реализираше и четвртиот гол на средбата. Претходно во листата на стрелци се запиша и младиот Фоден, а Вокер и Марез им ги скратија маките на фудбалерите на Бартон.

Сити е немилосрден кога станува збор за куп-натпреварите. Пред само три дена постигнаа седум погодоци против Ротерхам во рамките од третото коло во ФА Купот, а со овие девет бележат вкупно 16 погодоци на само две средби.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2019 02:09