Менаџерот на Челзи, Маурицио Сари, рече дека не е запознаен за напредок во преговорите со Гонзало Игуаин. Италијанецот изјави дека е фокусиран на натпреварите на тимот, а не на кој ќе дојде во тимот.
– Разговарав со директорот Марина Грановскаја пред две недели и таа го знае моето мислење за тоа како треба да го подобриме тимот. Тогаш решив целосно да се фокусирам на перформансите на тимот на теренот, во мечевите и во тренинг-процесот. Јас сум мирен, бидејќи знам дека Марина работи многу напорно, но не знам ништо за нашите потези на трансфер пазарот, бидејќи сакам да се фокусирам на натпреварите на тимот, изјави Италијанецот.
Тој потоа зборуваше за Алваро Мората, како и за евентуалниот трансфер на Хадсон-Одои.
– Ова е многу тежок период за Мората, но нормално е кога еден играч е на трансфер пазарот во јануари. Алваро е на располагање за натпреварот против Арсенал. Не знам дали ова ќе биде неговиот последен натпревар. Не сакам да разговарам со Хадсон-Одои за нешто, за кое не можам да најдам решение. Многу сум среќен со неговата изведба. Во последниот месец работиме многу добро со него. Тој ја разви и ја подобри својата игра, рече уште Маурицио Сари.