Италијанскиот тим Болоња го отпушти досегашниот тренер Филипо Инзаги и го назначи на негово место Синиша Михајловиќ, соопштија од клубот.

Михајловиќ ги договори условите и ќе остане до крајот на сезоната, но при добри резултати, тогаш договорот ќе биде продолжен за уште една сезона, а услов е задржување на елитниот статус на тимот.

Србинот не е непознат во Болоња, откако беше на чело на тимот во сезоната 2008/2009, што беше негово деби како ментор. Тој беше отпуштен откако тимот се најде во зоната за испаѓање, а тренерот се скара со лидерите на тимот во тоа време.

Михајловиќ е поранешен играч на Црвена Ѕвезда, Рома, Сампдорија, Лацио и Интер, а како тренер бил дел од Интер, Болоња, Катанија, Фиорентина, репрезентацијата на Србија, Сампдорија, Милан, Торино и Спортинг Лисабон.

Во последното коло, Болоња загуби дома од Фросиноне со 0:4, а тимот го зазема 18-тото место со 14 поени и се наоѓа во зоната за испаѓање.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2019 09:23