Тренерот на Интер, Лучано Спалети имал средба со шефовите на Интер, на која многу јасно му било објаснето што се очекува од него до крајот на сезоната, ако сака да ја задржи функцијата. Според „Газета дело Спорт“, Италијанецот треба да освои трофеј оваа сезона или ќе се прости од својот пост.
Средбата на одборот на директори со тренерот се одржала доцна синоќа, а таа била свикана по неочекуваниот пораз од 0:1 против Торино, што сериозно ја загрозува позицијата на Интер во топ 4 во Серија „А“. Интер се наоѓа на 3-то место со 40 поени, на цели 19 од лидерот Јувентус, што значи дека „Скудетото“ отпаѓа како опција за зголемување на бројот на трофеите во клупската витрина. Милан (35 поени), Рома (34) и Сампдорија (33) воопшто не се надвор од битката за топ 4, а до крајот на шампионатот има цели 17 круга.
Па така италијанскиот куп останува единствена реална опција. „Нероазурите“ на 31-ви јануари го играат својот четвртфинален меч против Лацио, а дури и да ги отстранат „лацијалите“, останатите можни противници воопшто не се за потценување – Јувентус, Наполи, Милан, Фиорентина и Аталанта.
Претседателот Стивен Џан бил многу јасен во своите зборови кон тренерот дека очекува Интер да ја заврши сезоната со трофеј. Ова ја прави победата над Лацио задолжителна.
Вчера на Апенините имаше информации дека Интер веќе започнал преговори со моментално невработениот Антонио Конте. Стратегот беше отпуштен од Челзи, но се уште има договор со лондонскиот тим, па тој може да биде привлечен ова лето. Ова во никој случај не може да носи спокојство на Спалети, бидејќи „црно-сините“ го имаат и како опција Жозе Мурињо, кој би можел веднаш да го преземе кормилото, ако предложените услови го задоволат.
Договорот на Спалети со Интер беше малку изненадувачки продолжен до 2021 година пред почетокот на сезоната. Се разбира, тоа не ја гарантира неговата иднина на „Џузепе Меаца“.