Тимот на Манчестер Јунајтед „лета во облаци“ од средината на декември, кога Жозе Мурињо беше отпуштен. Тогаш за привремен менаџер беше поставена клупската легенда, Оле Гунар Солскјер и од тој момент до сега, „црвените ѓаволи“ жнеат успех по успех. Играта на тимот е видливо променета и ова очигледно дава резултати.
Вистината е дека досега повеќето од мечевите беа со поскромните тимови на Островот. Не смееме да ја заборавиме победата над Тотенхем во Премиер лигата, како и успехот против Арсенал во ФА Купот. Интересно е дека во следниот круг на најстарото фудбалско натпреварување во Англија, 20-кратниот шампиони на Англија ќе мора да се соочи против друг голем тим – Челзи. Ова значи дека во периодот 12 февруари – 16 март, на „Олд Трафорд“ ќе се одвиваат еден куп тешки битки и токму тогаш ќе стане јасно дали Солскјер е подготвен за постојаниот менаџерски пост во Јунајтед.
Програмата на Манчестер Јунајтед вели дека на 12 февруари тие играат против ПСЖ во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите, а само четири дена подоцна излегуваат против Челзи во 5-тата рунда од ФА Купот на Англија. На 24 февруари следи натпревар со големиот ривал Ливерпул, а три дена подоцна одат на средба со Кристал Палас.
Следните натпревари се Саутемптон (2-ри март), реваншот со ПСЖ (6-ти март), Арсенал (10-ти март) и дербито на Манчестер Сити (16-ти март).