Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер за првпат откако ги презеде „Црвените ѓаволи“ не успеа да запише победа на своја сметка. Тоа се случи во домашниот меч со Барнли (2:2) од 24-тото коло на Премиер лигата.
Норвежанецот имаше свои забелешки кон играчите, но и покрај тоа ги пофали за борбеността и непомирливоста да стигнат до реми, откако губеа со два гола.
– Ние направивме брилијантен пресврт. Имаше многу прашања како ќе реагираме кога губиме со 0:1 или со 0:2, па пресвртот беше фантастичен. Ние создадовме многу ситуации, го имавме поседот на топката, така што не заслуживме да изгубиме. Но, самите сме виновни дека играта еволуираше на овој начин. Се боревме, тоа не беше наш проблем. Ние немавме проблем со желбата, но темпото на игра беше премногу бавно. Сепак, ми се допадна реакцијата на тимот. Разочарани сме, а разочарани се и нашите навивачи, но пак оние кои останаа до крајот, видоа еден типичен финиш за „Олд Трафорд“, а тоа е голем плус, изјави Солскјер по мечот.