Раководството на ПСЖ упатило сензационална понуда за ѕвездата на Арсенал, Месут Озил, информира германското издание „Зидојче Цајтунг“. Поради повредата на Нејмар, која ќе го извади од терените за следните речиси три месеци, ПСЖ одлучија да се пробаат за плејмејкерот на „топџиите“, кој доживува тежок период на „Емирати“.

Томас Тухел го сака Озил на плејмејкерската позиција, зад Единсон Кавани и Килијан Мбапе, но изненадувачки Озил го одбил предлогот да премине на „Парк де Пренс“. Предлогот бил за изнајмување со опција за откупување на 30-годишниот ас.

Против Кардиф во вторникот вечер, Озил уште еднаш не беше на ниво, а вчера Арсенал го привлече Денис Суарез од Барселона, што сугерира за намерите на лондонскиот тим да се раздели со најплатениот играч во селекцијата на Унаи Емери. Самиот тренер загубил верба во играчот, откако често го остава на клупата поради „тактички причини“.

ПСЖ сепак нема да се откаже од обидите и ќе се обиде да оствари договор до крајот на зимскиот преоден рок.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2019 10:49