Тренерот на Јувентус, Масимилиано Алегри не драматизираше по поразот со 0:3 од Аталанта во четвртфиналето на Купот на Италија. „Старата дама“ одигра втор слаб натпревар за една недела, а во Бергамо не им се насмевна среќата, како што беше случај при гостувањето кај Лацио од шампионатот, кога победи со 2:1 по гол од пенал на Кристијано Роналдо на крајот. Според Алегри, незамисливо е да се очекува од Јувентус да го освои секој натпревар. Тој исто така му честиташе на тимот на Аталанта за одличното претставување. – Сакавме по петти последователен пат да го освоиме Купот, но Аталанта играше многу силно и им честитам. Ништо драматично не се случило. Искрено, овој пораз „висеше“ во воздухот. На теренот имавме играчи кои се враќаа по повреди, други пак не играа поради повреди. Сметам дека можеме да се повратиме од оваа негативна ситуација во која се наоѓаме. Сметам дека овој пораз ќе ни послужи за лекција, изјави тренерот на „бјанконерите“ по синоќешниот пораз.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2019 10:58