Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола смета дека од суштинско значење за неговиот тим не е колкава е разликата од лидерот Ливерпул, туку подобрувањето на играта во претстојното дерби со Арсенал во споредба со незадоволителното претставување во текот на неделата во натпреварот против Њукасл.
Во недела, шампионите ги пречекуваат „топџиите“ на „Етихад“ и ќе се обидат да надоместат пред своите фанови за изненадувачкиот пораз во вторникот.
– Треба да ја подобриме нашата игра во споредба со претходниот натпревар. На ова треба да се концентрираме. Не е важно дали заостануваме пет, шест, седум или осум поени. Не сме среќни од последното претставување. Го знаевме тоа уште на полувремето, го знаевме и по крајот на натпреварот. Ако немавме мотивација, немаше да бидеме таму каде што сме, изјави Каталонецот.
Тој потоа го пофали својот ривал како и тренерот на тимот.
– Унаи Емери е одличен во својата прва сезона, со нови играчи. Секогаш вршел неверојатна работа. И Арсенал е секогаш опасен ривал. Тие имаат многу добри играчи, со големи квалитети – Лаказет, Обамејанг, Озил. Топ тим, рече уште Гвардиола.