Лион го нанесе првиот пораз во сезоната на шампионот ПСЖ, откако победи со 2:1 дома во дербито од 23-тото коло на француската Лига 1.

Домаќините стигнаа до успехот, иако заостануваа во резултатот. Капитенот Набил Фекир се претвори во херој за Лион, откако го реализираше победничкиот гол од пенал на почетокот на второто полувреме. Ди Марија отвори за гостите во 7-та минута, а Демебеле израмни во 33-тата.

Дуелот на „Стад де Лумиер“ понуди исклучително спектакуларен фудбал, а на трибините беше и менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, кој пристигна во Франција, за да ги следи „принцовите“, со кои „црвените ѓаволи“ ќе се соочат во осминафиналето на Лигата на шампионите.

Тренерот на ПСЖ, Томас Тухел не направи ниту една промена во почетниот состав во однос на победата над Рен со 4:1 во минатиот круг.

Парижаните настапија без својата најголема ѕвезда Нејмар, а учество во дербито не зеде и Марко Верати.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2019 09:48