Привремениот менаџер на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, заврши на првото место меѓу своите колеги во Премиер лигата во месец јануари. Норвежанецот е првиот тренер на „црвените ѓаволи“, награден по Сер Алекс Фергусон во октомври 2012 – годината во која Јунајтед за последно триумфираше во Премиер лигата.
Играчите на Солскјер го завршија месец јануари без пораз, освојувајќи три од четирите натпревари во првенството против Њукасл, Тотенхем и Брајтон, а одиграа нерешено и со Барнли – единствениот резултат, различен од победа за тимот под водство на нивниот поранешен играч.
Солскјер, кој запиша три последователни успеси во декември, откако го замени отпуштениот Жозе Мурињо, го доближи Јунајтед на два бода од четвртиот Челзи пред гостувањето на Фулам утре од 13,30 часот.
Запрашан на прес-конференцијата пред дуелот со лондонскиот тим, Норвежанецот изјави дека резултатите дотука на чело на клубот се едно прекрасно достигнување.
– Екипата ги заслужува сите пофалби. Но јас не гледам во минатото, јас сум концентриран врз сегашноста и она што ни претстои. Се разбира дека сум горд од претставувањето, но не е во мој стил да рефлектирам долго време врз она што сме го направиле. Ние внимателно гледаме на нашиот следен предизвик, заврши менаџерот на „црвените ѓаволи“.
Маркус Рашфорд пак беше прогласен за најдобар играч на Премиер Лигата за јануари.
Манчестер Јунајтед ги нема освоено двете награди во ист месец од 2011 година, кога наградите беа доделени на Сер Алекс Фергусон и Димитар Бербатов.