Нерешено без голови заврши синоќашното гостување на Барселона на „Сан Мамеш“ кај Атлетик Билбао по што напаѓачот на Каталонците Луис Суарез се пожали на големиот број натпревари во кус период.

– Во првото полувреме немавме доволно комуникација на терен, и овој проблем мора да се реши. Дополнително ни ја отежнува работата густиот календар. Имаме голем број натпревари, повеќето од нив многу тешки за кус период. Тоа му помогна на Атлетик да ја исполни целта. Тие беа во можност подобро да се подготват за натпреварот. Двата тима имаа свои моменти. Не знам дали нерешениот исход може да се смета за фер резултат. И ние и Атлетик веруваме дека би можеле да победиме, изјави Суарез.

Тој го пофали голманот Тер Штеген.

– Нашиот голман со својата игра покажа зошто е еден од најдобрите во светот. Имаше важна улога, дополни Уругваецот.

Барселона по 23 кола е на врвот во Примера со 51 бод, шест повеќе од Реал Мадрид и седум од Атлетико Мадрид.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2019 10:12