Англискиот клуб од четвртата дивизија, Олдам Атлетик го претстави Пол Сколс како нов менаџер на тимот. 44-годишниот поранешен англиски репрезентативец го менува на функцијата Френки Бан. За Сколс, ова ќе биде прв обид на чело на тим.
Досега тој дејствуваше како телевизиски аналитичар. Тој е и малцински сопственик во тимот на Салфорд Сити, но според Фудбалската асоцијација на Англија, тоа не претставува проблем за неговото назначување на работа во Олдам.
– Пол освоил се во фудбалот како играч, но не ја изгубил желба да победува. Тој е човек кој има огромни фудбалски познавања и е гладен за успеси како менаџер. Не е тајна за никого колку го сака нашиот клуб, па за мене е огромно задоволство да го пречекам во семејството на Олдам, изјави при претставувањето сопственикот на клубот, Абдала Лемсагам.
Пол Сколс, кој ја помина целата своја кариерата во Манчестер Јунајтед и ја освои 11 пати титулата во Англија и два пати Лигата на Шампионите, е фан на Олдам од дете. Тимот е на 14 место во Лига 2 со 42 поени по првите 30 круга, 14 над зоната на испаѓање и 9 зад зоната за плејоф.