Голгетерот на Ливерпул, Мохамед Салах не очекува лесен натпревар на гостувањето против Манчестер Јунајтед во недела, но призна дека никој во тимот не мисли за нешто друго освен за освојување на три бода.
Ливерпул ќе се обидат да победат по секоја цена среде „Театарот на соништата“, со што ќе обезбедат не само „дубл“ над својот најголем ривал, но и ќе ја вратат предноста од 3 поени во однос на Манчестер Сити. Во моментов „граѓаните“ се на чело во генералниот пласман, иако со ист број на поени со Ливерпул, поради подобрата гол разлика.
На „Олд Трафорд“ тестот за „црвените“ ќе биде исклучително сериозен, бидејќи во 13-те натпревари под водство на Оле Гунар Солскјер, Јунајтед постигна 11 победи и загуби само еднаш (со 0:2 од ПСЖ во Лигата на Шампионите).
– Јунајтед нема пораз во последните 9 натпревари, па се наоѓа на добар пат и ќе сакаат да победат против нас. Тие имаат добри играчи, и ова е факт и пред последните 10-11 дуели. Од почетокот на сезоната тие имаат силен тим, изјави Салах.
Во декември, Ливерпул го надигра Јунајтед со 3:1 на „Енфилд“, а овој резултат неколку дена подоцна доведе до смена на Жозе Мурињо и соодветно назначувањето на Солскјер. Ова доведе до пресврт во сезоната на „црвените ѓаволи“.
– Тие имаат добар тим и сега нижат победи, затоа што имаат самодоверба, но на крајот и ние сакаме да победиме во овој натпревар. Против кого и да излеземе, секогаш бркаме победа, вели офанзивниот фудбалер.
Од актуелните состави во Премиер Лигата, Јунајтед всушност е единствениот тим, против кој 26-годишниот Египќанец не успеал да постигне гол.
– Како што реков претходно, овие рекорди не се важни за мене. Да бидеш најдобар стрелец е важно, но никогаш не ја има истата тежина како првото место во Премиер лигата. Ако победиме натпревар со 1:0, 2:0 или 3:0 и головите ги постигне некој друг, немам ништо против. Ќе бидам многу, многу среќен. Најважно е да се победи на натпреварот во недела. Треба да останеме први на табелата, бидејќи тоа ни е важно, заврши Салах.
Дуелот меѓу Манчестер Јунајтед и Ливерпул е на програма во недела, 24 февруари, во 15:05 часот по македонско време.