ФИФА наложи ембарго на Челзи за следните два трансфер прозорци, откако лондонскиот клуб беше прогласен за виновен по обвиненијата за кршење на правилата при привлекување на неколку фудбалери на возраст под 18 години.

„Сините“ освен тоа се казнети со 600.000 швајцарски франци, а светската фудбалска централа наметна и финансиски санкции во износ од 520.000 франци и на Фудбалската асоцијација на Англија.

Клубот сепак има право да ослободува и продава играчи.

Челзи, исто така, има 90 дена да направи корекции во случаите со засегнатите играчи.

Истрагата трае три години и се однесува на трансферите на 29 играчи на возраст под 18 години. Еден од нив е Бертран Траоре.

Челзи сигурно ќе поднесе жалба, па има голема шанса санкцијата да биде замрзната за претстојниот летен преоден рок. Тоа би значело дека по крајот на сезоната, лондонскиот тим ќе може да направи голема селекција, која треба да ги покрие потребите од нови играчи за целата 2020-та.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2019 11:41