Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола го поддржи својот колега во Челзи, Маурицио Сари и ги повика шефовите на „сините“ да му дадат повеќе време.
Италијанскиот стручњак е пред разрешување, откако тимот претрпе неколку разочарувачки резултати во последните средби, а на Островот се шпекулира дека ако тимот го загуби финалето за Карабао Купот викендов од „граѓаните“, ќе му биде покажана вратата.
– Кај мене ситуацијата беше малку поинаква. Во првата година моите шефови не се сомневаа во мене и ја имав нивната целосна доверба. Во медиумите никогаш не сум прочитал дека ќе бидам отпуштен во мојата прва сезона, ако изгубам неколку натпревари. Никогаш не се случи тоа, изјави Пеп на прес-конференција пред финалето.
Тој смета дека понекогаш ситуацијата во тимовите е тешка и тренерите имаат потреба од време.
– Тоа е прва сезона на Маурицио во англискиот фудбал и тој има потреба од време за да ги наметне своите идеи. Шефовите во Челзи треба да го поддржат. Според мене тоа е правилно. Изненаден сум од политиката на Челзи да гименуваат така лесно тренерите. Бев шокиран откако Антонио Конте го изведе Челзи до титулата, а по еден-два порази наредната сезона почна да се зборува за неговата смена. Тоа не е нормално според мене, додаде тој.