Тренерот на Милан, Џенаро Гатузо призна дека не бил воопшто задоволен од првото полувреме на натпреварот против Емполи, но сепак ги пофали своите играчи за нивната презентација по паузата.
„Росонерите" победија со 3:0 на својот „Сан Сиро" по погодоците на Пјатек, Кеси и Кастиљехо во второто полувреме, а тоа беше уште еден одличен резултат на тимот, кој го носи поблиску до квотите кои носат пласман во Лигата на Шампионите следната сезона.
– Првото полувреме воопшто не ми се допадна, ако треба да бидам искрен. Бевме апатични и не успеавме да создадеме ништо. Бев многу лут од претставувањето во него. Сепак по паузата момците покажаа убав фудбал, објави тренерот на прес-конференцијата по натпреварот.
Според популарниот Рино, доброто во фудбалот е дека се играат натпревари на секои неколку дена и секогаш можеш да си ги поправиш грешките. Тој смета и дека со игра, особено како таа во второто полувреме, може да се вратат навивачите на стадионот.
– Постигнавме голема победа пред нашите навивачи. Имаше борба, имаше пожртвуваност, имаше опасни напади и најважно голови. Само така можеме да ја вратиме публиката на стадионот. Треба да ги привлечеме навивачите на наша страна и со такво претставување, како по паузата против Емполи, ќе го направиме тоа.
Во однос на Пјатек, кој постигна нов гол, Гатузо вели дека се вклопува доста добро, но и неговите соиграчи имаат вина за тоа што го наоѓаат во добри позиции.