Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) го истражува Манчестер Сити под сомневање дека тимот платил сума пари на агентот на Џејдан Санчо при преминувањето на играчот од Ватфорд во клубот, додека се уште бил малолетен.

Според „Шпигел“, во 2015 година англискиот тим платил на Емека Обаси 200 илјади фунти за да премине неговиот клиент Санчо, тогаш само 14-годишен, во академијата на Сити. Од германското издание објавиле документи во кои се тврди дека тимот се обидел да го прикрие плаќањето со договор за Обаси како скаут на клубот.

Според одредбите на ФА и ФИФА, на играчи под 16-годишна возраст не им е дозволено да имаат свој агент.

– Можеме да потврдиме дека ќе ги испитуваме сомневањата, прокоментира портпаролот на ФА за локалните медиуми.

Како што е познато, „граѓаните“ се под истрага и од УЕФА поради сомневања за кршење на финансискиот ферплеј, а само пред една недела ФИФА казни друг англиски тим – Челзи со забрана за пријавување на нови фудбалери за два трансфер прозорци, поради непочитување на правилата за трансфери на малолетни играчи.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/02/2019 16:11