Управата за финансиска полиција вчера до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против И.Ѓ., за кој има основано сомневање дека во својство претседател на „Фудбалската федерација на Македонија“ извршил кривични дела „даночно затајување“ и „фалсификување или уништување деловни книги“. Пријва е поднесена и за ФФМ.

-И.Ѓ. во својство на претседател на правниот субјект „Фудбалска федерација на Македонија“, во периодот од 1 јануари 2017 до 27 февруари 2018 година, со цел правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист, свесно и со намера во име и за сметка на второпријавната „Фудбалска федерација на Македонија“ прикажал лажни и невистинити податоци во завршната сметка за 2017 година, кои ги поднел на 27 февруари лани до Управата за јавни приходи и Централниот регистар, за што во сметководствената евиденција не извршил отпис на ненаплатените побарувања од купувачите постари од три години, и тоа од ликвидираниот непостоечки правен субјект АД Тобако Скопје износ од 10.639.293 денари, како и од правниот субјект АД Југохром Јегуновце износ од 6.169.832 денари или вкупни побарувања во износ од 16.809.125 денари, соопшти денеска Управата за финансиска полиција.

За да го оствари тоа, посочуваат од Управата, пријавениот И.Ѓ. спротивно на член 9 од Законот за данок на добивка во даночниот биланс не ја зголемил даночната основица во однос на непризнаени расходи за даночни цели, за кој износ не пресметал и не платил данок на добивка, со што второпријавената „Фудбалска федерација на Македонија“ се стекнала со противправна имотна корист од 1.680.912 денари, за кој износ го оштетиле Буџетот на државата.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2019 12:08