Поранешниот претседател на Реал Мадрид, Рамон Калдерон изјави денеска дека прв избор за тренер на тимот е Жозе Мурињо и дека со него веќе е контактирано.
Тренерот на Реал Мадрид, Сантијаго Солари е под голем притисок поради слабите резултати, особено по двата последователни порази против Барселона и поразот од 1:4 од Ајакс, по што Реал беше елиминиран од Лигата на шампионите.
Во 2013 година, Мурињо го напушти Реал Мадрид, а минатата недела изјави дека е поласкан со информациите дека раководството на клубот било заинтересирано за него. Фановите на Реал минатата ноќ го скандираа името на Мурињо против Ајакс.
– На претседателот Флорентино Перез му е потребна „бомба“ за да ги смири навивачите и е подготвен да го повика Мурињо, единствениот тренер што го почитува. Не се сомневам дека Мурињо е првиот избор на претседателот. Тој минатата недела разговараше со него. Исто така, кога Зинедин Зидан замина. Мурињо тогаш беше во Манчестер Јунајтед и рече дека не е вистинското време да се врати, но сега може, бидејќи е слободен. Мислам дека има големи шанси Мурињо да биде на клупата следната сезона, изјави Калдерон за „Скај“.
Запрашан за други можни кандидати, Калдерон го спомена тренерот на Тотенхем, Маурисот Почетино.
– Тие зборуваат за него. Но, ќе се зборува многу во следниве денови, бидејќи навивачите не можат да ја прифатат оваа ситуација, вели легендата на клубот.
По 26 круга во Примера, Реал е трет на табелата со 48 поени. Барселона има 60 бодови на прво место, додека Атлетико Мадрид е втор со 53.