Неизвесно е кога и дали воопшто ќе продолжи првенството во пролетниот дел од Третата фудбалска лига – исток, поради неподмирени финансиски обврски на клубовите.

Од Управниот одбор на лигата информираат дека до почетокт на март, до кога бил предвидениот рок, ниту еден од осумте клубови не ги уплатил парите за котизација, иако известувањето навремено им било доставено. Одговорот што го испратиле раководствата на спортските екипи е дека не можат да ја извршат уплатата затоа што не ја добиле финансиската поддршка од општинските буџети.

– Уште пред почетокот на првенството ги известивме сите клубови за одлуката за трошоци за котизација, за да можат да бараат средства од програмите за поддршка на спортот во буџетите на нивните општини. Со оглед што се наоѓаме во предизборен период, поради законските одредби, локалните самоуправи не смеат да вршат исплати кон буџетските корисници до почетокот на мај. Неколку пати интервениравме и ние, пред сè до локалните самоуправи на Делчево и Свети Николе, кои сè уште не им ги префрлиле парите на клубовите за пролетниот дел од претходното првенство, истакнува Владо Андов, претседател на Управниот одбор на лигата.

Дилема кај спортската јавност во регионот е зошто клубовите навреме не ги обезбедиле потребните средства од други извори, и дали нивното работење треба да се финансира само од општинските буџети на општините, иако локалните самоуправи немаат законска обврска за тоа.

Дополнителен проблем е што не се регулирани обврските и кон службените лица за последните 4-5 кола од есенскиот дел на првенството, а некои од клубовите се жалат дека средствата што не ги потрошиле од котизацијата за претходното првенство не им се вратени на нивните жиро сметки.

Според распоредот, пролетниот дел од првенството во Третата фудбалска лига – исток треба да почне на 10 март, но од Управниот одбор тврдат дека сè додека клубовите не ги платат обврските, првенствени натпревари нема да се играат.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2019 15:14