Серхио Агуеро и Пеп Гвардиола беа одредени за играч и тренер на месец февруари во Премиер лигата, откако Манчестер Сити ги освои сите четири натпревари во текот на месецот, за да се врати на врвот во првенството. Агуеро постигна седум гола, вклучувајќи два „хет-трика“, и ја предводи листата на стрелците пред минатогодишниот најдобар реализатор Мохамед Салах од Ливерпул.

Гвардиола ги изведе „граѓаните“ до триумф над четири екипи од првата половина на табелата, а Сити се справи на импресивен начин во дуелите на четири фронта. Ова е шести пат во кој Агуеро и Гвардиола ја освојуваат наградата за играч и тренер на месецот и прва во оваа сезона.

Аргентинскиот напаѓач го почна месецот со „хет-трик“ против Арсенал при успехот со 3:1 на „Етихад“, но потоа не реализираше погодок на гостувањето кај Евертон три дена подоцна. Тој се врати кон добрите игри против Челзи при победата со 6:0, а „хет-трикот“ беше под број 11 во кариерата во Премиер лигата, израмнувајќи се со легендата на Њукасл – Алан Ширер.

Триесет-годишниот стрелец исто така го постигна единствениот гол во минималната победа над Вест Хем. Голот беше под број 18 за Аргентинецот во сезоната – еден повеќе од Салах и два пред Хари Кејн и Пјер Емерик Обамејанг.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2019 15:52