Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри синоќа беше сведок на тоа како неговиот тим, макар и без повеќето големи ѕвезди, го победи Удинезе со 4:1, а по натпреварот речиси сите прашања кон него беа поврзани со претстојниот реванш од осминафиналето во Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид.

„Бјанконерите“ загубија со 0:2 во шпанската престолнина, но сепак се уште не го развеале белото знаме.

– Откако дојдов во Јуве, трофејот од Лигата на шампионите секогаш бил наша цел. Ако сепак луѓето мислат дека евентуалната елиминација во вторник ќе биде неуспех, нема да се во право. Нивото на турнирот постојано се крева. Ќе дадеме се од себе и ако успееме – одлично. Ако не – ќе се обидеме следната година, изјави Алегри.

Италијанскиот стратег изјави дека турнирот воопшто не е лесен и дека на гигант како Баерн Минхен му требало 10 години за да го освои трофејот.

– Секоја година сме во елиминација од Лигата на шампионите и игравме две финалиња. Не е лесно. На Баерн (Минхен) му беа потребни 10 години за да го освои трофејот, Челзи успеа само еднаш, и тоа во натпревар во кој не заслужи да победи. Не треба да гледаме негативно на работите. Очекувањата кон нас се зголемија премногу. Понекогаш една одбиена топка може да те исфрли од турнирот и нема што да направиш, продолжи тренерот на „Старата Дама“.

Тој го пофали младиот Мојс Кин за своите две гола против Удинезе, но додаде дека сака да го подобри своето движење без топка. Алегри исто така истакна дека би сакал да остане во Јуве по крајот на сезоната, но тоа не зависи само од неговата желба.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2019 12:06