Фудбалот во Велика Британија се соочи со нови проблеми со навивачите во изминатиот круг. На неколку стадиони на Островот имаше проблеми со навивачи кои упаднаа на теренот и на тој начин ги доведоа во опасност играчите. Најтешко настрада фудбалерот на Астон Вила, Џек Грилиш во градското дерби со Бирмингем.

Фан влезе во теренот во деветтата минута и го удри капитенот на Вила со тупаница во лицето.

Во саботата сличен инцидент имаше и во Премиер лигата на Шкотска, кога капитенот на Ренџерс беше нападнат од фан на Хибернијан. До сериозни судири не дојде, но навивачот се појави непречено до страничната линија.

Последната случка се случи на дербито помеѓу Арсенал и Манчестер јунајтед, кога фан на домаќините го испровоцира Крис Смолинг од „црвените ѓаволи“.

Англискиот закон предвидува забрана за посета на натпревари, а најтешката мерка е и доживотна забрана. Многу често овие фанови добиваат и ефективни казни, кои се по неколку месеци затвор. Во моментов полицијата во Шкотска, како и во Западен Мидлендс и Лондон ги испитуваат трите инциденти.

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) пак свика вонредна седница за да разговара за подобрување на безбедноста на стадионите.

– Ова не е нормално, затоа што по трет пат фан влетува на теренот. Некој пат ќе се појави таков кој ќе држи нешто во рака и така ќе го загрози животот на играчите”, се пожали капитенот на Манчестер јунајтед, Ешли Јанг.

Тој побара да се преземат итни мерки од ФА, Премиер лигата или ФИФА.

– Она што се случи со Грилиш, а сега и со Крис е неприфатливо, додаде бекот.

Поранешниот играч на „црвените ѓаволи“, Фил Невил посочи дека проблемот е многу сериозен.

– Во Бирмингем видовме дека играчите реагираа веднаш и успеаја да го истуркаат напаѓачот настрана, за да не се случи нешто полошо со Џек. Но се прашувам што треба да се случи, за да се реши овој проблем. Не сакам да си помислям дека некој може да биде прободен со нож, рече Невил.

Легендата на Јунајтед смета дека треба да се преземат мерки, за англискиот фудбал да не се врати кон „мрачните времиња од 80-тите години на 20 век“, кога бевме сведоци многу потешки инциденти.

– Сите треба да седнеме заедно – играчи, раководни органи, сојузи и други, за да се реши ова прашање, заврши Невил.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2019 11:23