Со писмено известување до јавноста Општина Кочани ги демантира тврдењата дека поради ненавремено исплаќање на обврските кон фудбалскиот клуб „Осогово“, неговиот управен одбор сè уште не го платил надоместокот за котизација за учество во Третата лига – исток.

– Во врска со ставот на претседателот на Лигата, Владо Андов, дека без финансиски средства што претежно се обезбедуваат од единиците на локалната самоуправа не може да се организираат фудбалските натпревари во источниот регион, Општина Кочани информира дека уредно ги има исплатено парите на третолигашот ГФК „Осогово“. Средствата за првото тримесечје од годинава одобрени од општинскиот Советот, а наменети за клубот, уредно се исплатени. Општината нема никаква вина што фудбалскиот клуб не ја платил котизацијата, затоа што, од предвидените 950 илјади денари, досега му се исплатени 230 илјади, согласно правилото за исплата на една четвртина во секое тримесечје, стои во писменото известување од локалната самоуправа.

Дополнително, за одржување на градскиот стадион „Никола Мантов“ од општинскиот буџет се префрлени уште 100 илјади денари, односно до крајот на овој месец нема неисплатени обврски кон фудбалскиот клуб „Осогово“.

Од општината информираат дека исплатата на средствата кон спортските екипи за следното тримесечје е до 30 јуни и таа ќе се реализира без проблем, бидејќи дотогаш претседателските избори ќе бидат завршени и ќе може да се врши плаќање кон буџетските корисници.

Минатиот викенд не се одиграа натпреварите од пролетниот дел од првенството во Третата фудбалска лига – исток, затоа што Управниот одбор на лигата утврдил дека ниту една екипа не ги уплатила средствата за котизација. Од своја страна пак, клубовите бараат смена на раководството, намалување на висината на котизацијата и да имаат свои претставници во управниот одбор.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/03/2019 15:24